Механизацијата на скопски „Бетон“ денес започна со реализација на втората фаза од проектот за докомплетирање и осовременување на Националната арена „Филип Втори“. Во оваа фаза ќе биде обновен фудбалскиот терен и ќе се изгради нова атлетска патека. Според Цветко Грозданов, директорот на Акционерското друштво за изградба и стопанисување со станбен и деловен простор од значење на Републиката, во чија надлежност е стадионот, најпрвин ќе се работи на теренот, кој ќе биде комплетно отстранет, а на негово место ќе биде изведено ново модерно игралиште. Проектот вклучува систем за греење кој во зимски услови ќе овозможува брзо одмрзнување на игралиштето. Под бусените ќе има специјална глина, која ќе го подобри квалитетот на тревата.
Ќе се реконструираат и атлетските борилишта. Досегашните шест патеки ќе бидат заменети со нови осум патеки. Пред западната трибина ќе биде теренот за фрлање диск и ѓуле, пред јужната борилиштето за скок во височина, а пред источната борилиштето за скок во далечина. Вкупната инвестиција во втората фаза на проектот се проценува на 3,5 милиони евра. Рокот за завршување на работите е март 2012 година.
Грозданов најави дека на крајот од 2012 или најдоцна на почетокот од 2013 годиниа е планирано да стартува и третата фаза на проектот, односно фасадното обликување на арената, за што ќе бидат потрошени околу 8 милиони евра.
» Форумска дискусија за овој проект