Македонија е подрачје на кое се наоѓаат големи количини на термални води кои воопшто не се искористуваат за добивање на геотермална енергија, вид на обновлив и еколошки извор на енергија кој значително се користи во развиените држави кои го имаат овој потенцијал. Според податоците на Регулаторната комисија за енергетика, во Македонија единствено Јавното претпријатие „Водовод“ од Кочани обезбедува производство, дистрибуција и снабдување со геотермална енергија преку работната единица „Геотерма“. Ова претпријатие го искористува лежиштето „Подлог – Бања“ со вкупен биланс на резерви од над 157 милиони метри кубни геотермална вода со температура од 70 степени целзиусови. Системот на „Геотерма“ овозможува користење на геотермална вода со средна температура од 75 степени, капацитет од 300 литри во секунда и годишна експлоатација од 1.4 милиони метри кубни геотермална вода. Сепак, искористеноста на овој капацитет се сведува на топлификација на оранжерискиот комплекс и загревање на спортската сала, судот и три училишта во Кочани.
*Исланд е светски лидер во производството на геотермална енергија
Во март оваа година е комплетирана документацијата од истражувањето во Кочанскиот регион која докажува дека на длабочина од 2.000 метри под земјата се наоѓаат резерви на геотермална вода со температура од 114 степени. Студијата покажува дека овој регион овозможува изградба на геотермална електрана за производство на струја со моќност помеѓу 3,2 и 5 мегавати. Сепак, досегашните податоци покажуваат дека Кочанската околија не е единствениот дел од државата кој овозможува обезбедување на електрична енергија од термалните води.
*систем за производство на електрична и топлинска енергија во геотермална електрана
Досега во Македонија се откриени повеќе од 25 природни извори на термални води со температура поголема од 21 степен. Архивските информации укажуваат дека долги години наназад се говори за можноста за производство на енергија во Гевгелискaта и Кратовско – злетовската област, каде се смета дека постојат извори на термални води со температура од над 100 степени со што се задоволува еден од критериумите за производство на електрична и топлинска енергија. Последната иницијатива и повик за инвестиции доаѓа од општина Дојран, која го претставува истражувањето на месноста Топлец на сопствениот интернет – портал.
*геотермална електрана за производство на електрична енергија во Лардарело, Италија
Иако имаме огромни ресурси за добивање на геотермална енергија, сепак инвестициите во овој сектор во последните години се сведуваат единствено на „Геотерма“ и овогодинешното пуштање во употреба на Дублет – системот за енергетска рационализација на геотермалниот систем во вредност од 2 милиона евра. Инвестицијата овозможува геотермалната вода по искористувањето повторно да се враќа под површината на земјата.
Државата предвидува користење на геотермалната енергија на подолг рок
Во документот „Стратегија за искористувањето на обновливите извори на енергија во Република Македонија до 2020 година“, Владата и Министерството за економија планираат силен развиток во производството на геотермална енергија, како финална, од 400 до 520 GWh до 2020 година. Во потрошувачката на финална енергија во 2020 година, геотермалната енергија ќе учествува со 440 – 570 GWh, а стратегијата за 2030 година предвидува ваквото производство на енергија да се зголеми за 30 – 40% во споредба со 2020 година.
Хрватска со значително помалку природни ресурси ќе гради геотермална електрана
Иако Македонија ги има еден од најголемите капацитети на овој природен енергетски ресурс, сепак значително заостанува од останатите балкански држави во насока на производството на енергија. Во Грција на островот Миконос функционира геотермална електрана со моќност од 20 мегавати која произведува електрична енергија, а во септември оваа година загребската компанија „Геоен“ ја најави изградбата на првата геотермална електрана „Марија 1“ во близина на градот Бјеловар. Инвестицијата е во вредност помеѓу 20 и 30 милиони евра и ќе овозможи изградба на енергетски објект со моќност од 4,71 мегавати во првата фаза.
*предвидената геотермална електрана на локалитетот Велика Циглена во Хрватска
Целокупниот проект предвидува инвестирање на 120 милиони евра, така што во втората фаза се предвидува изградба на топлана и на 8 хектари стакленици, додека во третата фаза е планирано да се изгради постројка со моќност од 10 мегавати што целосно ќе го искористува геотермалното поле на локацијата Велика Циглена.
Бојан Блажевски