Градот Скопје и Европската банка за обнова и развој денеска потпишаа договор за кредит во вредност од 5,6 милиони евра коишто градските власти ќе ги искористат за проширување на улицата Првомајска и за осовременување на контролата на сообраќајот во Скопје. Одлуката за задолжување Градот ја донесе на почетокот на минатата година. Кредитот е со рок на отплата од 12 години, тригодишен грејс период и каматна стапка која во моментов изнесува 5,9 отсто.
Од вкупната сума на кредитот, 2,9 милиони евра се предвидени за улицата Првомајска, која ќе добие четири ленти на сегментот од булеварот 11-ти Октомври до крстосницата со улицата Народни херои (1.383 метри) и на сегментот од крстосницата со булеварот Србија до бензинската пумпа кај фабриката ОХИС (1.000 метри). Реализацијата треба да почне во февруари догодина и да заврши за осум месеци. Тендерот за изведувач е веќе објавен.
Со помош на средствата од ЕБОР ќе биде воведен и современ систем за управување на сообраќајот во Скопје. Се предвидува формирање на Центар за управување и контрола на сообраќајот (ЦУКС), воведување на адаптивна контрола на сообраќајот преку инсталација на нови контролери на околу 70 крстосници, оптичка мрежа за поврзување на семафорските контролери, нови сообраќајни уреди, знаци со променлива содржина, камери за надзор на сообраќајот, како и поврзување со постојните АВЛ системи во јавниот превоз.
» Форумска дискусија за Првомајска