Денес истече рокот за доставување барања за учество во постапката за доделување концесија на македонските автопатишта. Од Министерството за транспорт и врски соопштија дека не е доставено ниту едно барање за учество од страна на конзорциумите кои ја поминаа фазата на претквалификација. Понудата за концесија се однесуваше на изградба на нови и преземање на дел од постоечките автопати во државава. Периодот на концесијата требаше да биде 35 години.
На иницијалниот повик за пројавување на интерес кој заврши во август 2008 година се јавија 48 компании. Потоа, после повеќемесечно одлагање, во средината на ноември 2009 година Министерството за транспорт и врски го објави повикот за учество во постапката, а рокот за доставување на потребната документација беше 15.01.2010. Во меѓувреме беа драстично редуцирани првичните пакети и беа исфрлени повеќе предвидени автопатски делници. Следеа уште неколку одлагања на рокот за доставување на барања за учество, со што процесот беше одолговлечен за дополнителни 5 месеци. Конечно во мај 2010 година, осум конзорциуми доставија барања за учество, а во ноември пет од нив ја поминаа претквалификационата фаза. Иако и првичниот рок за доставување на понуди од страна на претквалификуваните конзорциуми (26.04.2011), беше три пати пролонгиран, сепак тоа не помогна да се најде концесионер.
Приближни трошоци за изградба на новите делници:
– Пакет 1 (источен пакет) –
Патен правец: Крива Паланка – Романовце
60 km
272.7 милиони евра
Патен правец: Кочани – Штип
28 km
56.3 милиони евра
Патен правец: Миладиновци – Штип
50 km
104.6 милиони евра
ВКУПНО Пакет 1
138 km
433.6 милиони евра
– Пакет 2 (западен пакет) –
Патен правец: Стенковец – Блаце (граница со Косово)
13 km
69.1 милиони евра
Патни правци: Гостивар – Ќафасан (граница со Р. Албанија), Требениште – Охрид и Подмоље – Струга
128 km
489.4 милиони евра
ВКУПНО Пакет 2
141 km
558.5 милиони евра