Претходна статија
Помалку дозволи за градба, поголема вредност на објектите
Следна статија
Словенечки железници бележат загуби, Карго 10 во хаос

Теодосиј Гологанов од денеска со четири ленти

Објавено на 07.10.2011 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Заврши првата фаза од проектот за проширување и реконструкција на една од позначајните скопски сообраќајници – улицата Митрополит Теодосиј Гологанов. Проширувањето се одвиваше на потегот помеѓу улиците Франклин Рузвелт и Костурски херои, а проширен беше и кракот кон улицата Мито Хаџивасилев Јасмин до свртувањето кон улицата Народен фронт. На досегашните три ленти е додадена уште една (од десната страна во насока кон центарот на градот) со вкупна должина од 1.600 метри. Новата ширина на коловозот изнесува 13 метри.

 

Асфалтирани се вкупно околу 20 илјади метри квадратни, при што завршниот слој е изработен со полимер којшто го забавува стареењето на асфалтот и формирањето на колотрази, односно вдлабнувања од движењето на возилата во подолг временски период. Од десната страна на сообраќајницата исто така се поставени 35 нови светлосни столбови. Новото осветлување го реализираше фирмата „Магнус инжинеринг“ за цена од 5,2 милиони денари. Тротоарите се широки по 3,5 метри и се покриени со бехатон плочки со вкупна површина од осум илјади метри квадратни.

 

На улиците 9-ти Мај и Костурски херои е воведен еднонасочен режим на сообраќај. Кај вкрстувањето на улиците Митрополит Теодосиј Гологанов, Мито Хаџивасилев Јасмин и Костурски херои е формиран „турбо“ кружен тек [»мапа], којшто е новост во нашата држава. Двете нови семафоризирани крстосници, на улицата 9-ти Мај и на свртувањето кон улицата Народен фронт ќе го регулираат дотокот на возила во кружниот тек. За зголемување на безбедноста на пешаците околу кружниот тек ќе се постави метална заштитна ограда во должина од 280 метри.

 

Покрај „турбо“ кружниот тек, значајна новост е воведена и кај хоризонталната сигнализација – крстосниците се исштрафирани со црвени линии. Ваквото обележување означува дека е забрането влегување во крстосницата во случаи кога возилото нема простор веднаш да ја напушти, односно кога излезната сообраќајница е закрчена. Со оваа мерка надлежните ќе се борат против несовесните возачи кои неретко ги блокираат пофреквентните крстосници во градот.

 

Изведувач на градежните работи беше фирмата „Бауер БГ“. За овој зафат градот издвои 96 милиони денари, иако првичниот буџет за проектот изнесуваше 72 милиони денари. Во наредниот период треба да следува втора фаза на проектот, односно проширување на улицата Митрополит Теодосиј Гологанов од вкрстувањето со улицата Франклин Рузвелт до вкрстувањето со улицата Московска, исто така со доградба на една лента.

 

» Форумска дискусија за овој проект

 

####

####

####

####