Патничките автомобили во 2014 година учествувале со доминантни 75% во структурата на патничкиот сообраќај, се наведува во публикацијата „Одржлив развој 2015“ на Државниот завод за статистика. Наспроти европскиот тренд за развој на колективните форми на транспорт, како што е железничкиот сообраќај, во Македонија и понатаму продолжува доминацијата на автомобилот како основно средство за превоз. Ако се земе во предвид периодот од 2006 до 2015 година, учеството на патничките автомобили во вкупниот патнички копнен сообраќај варира од 74,2% до 79%. Приврзаноста на македонецот кон својот автомобил не беше раскината ниту со два значајни трошоци што се појавија во изминатава деценија – континуираниот пораст на цената на горивата и воведувањето на наплата на паркирањето низ поголемите градови.
Истовремено, потрошувачката на енергија според видовите на транспортот расте токму кај патниот сообраќај, достигнувајќи го својот врв во 2013 година. „Најголемо учество во потрошувачката на енергија има патниот сообраќај. Во периодот 2000-2013 година, енергетската потрошувачка во патниот сообраќај се зголемуваше во просек за 2,9% годишно, достигнувајќи учество од 97,0% во енергетската потрошувачка во секторот Транспорт во 2013 година“, се наведува во објавената статистичка публикација. Накратко образложено, терминот „енергетска ефикасност“ отсуствува од секторот македонски транспорт во годините зад нас.
Статистичките показатели покажуваат континуирано намалување на користењето на железницата во товарниот и во патничкиот сообраќај од 2009 година до денес. Уделот на возовите во вкупниот патнички копнен сообраќај во 2014 година изнесувал само 0,8%, или за 1,7% помалку во споредба со 2009 година. Паралелно со овој податок, процентуалното учество на автобусите во копнениот транспорт се издигнало на 24,2% во текот на изминатата година.
Државниот завод за статистика носи исклучително лоши вести и во делот на товарниот сообраќај. Македонски железници лани имале учество од само 5,3% во вкупниот товарен копнен сообраќај, за разлика од уделот од 15,7% во 2008 година. Негативниот развој на железницата го искористи патниот сообраќај, кој во 2014 година доживеал рекорден удел од 94,7% во структурата на товарниот сообраќај. За разлика од Македонија, земјите – членки на Европската унија во континуитет се обидуваат да го стимулираат развојот на железничкиот сообраќај, но и да воведат иновативен алтернативен превоз за граѓаните. На тој начин, целта на европјаните е да се намали потрошувачката на енергија во секторот транспорт. За жал, статистичките податоци покажуваат дека нашата земја е далеку од овие актуелни европски тенденции.
Бојан Блажевски