Од железнички изолирана држава со 1.668 mm широки пруги во 80-тите години на 20 век до земја со најголем број на километри брза пруга во Европа до 2020 година. Ова е развојната еволуција на железницата на Шпанија, која успеа во првата деценија на 21 век да пушти во употреба стотици километри брзи пруги и да ги поврзе најзначајните шпански градови Мадрид, Барселона, Валенсија, Малага и Севиља со супер брзи возови.
Новата брза пруга помеѓу Мадрид и Валенсија беше пуштена во употреба помеѓу во декември 2010 година, со што патувањето помеѓу Мадрид и Валенсија се скрати од 3 и пол часа на само 95 минути. Потврдата за брзиот развиток доаѓа и од шпанскиот министер за транспорт кој најави дека новата железничка линија ќе превезува околу 3 милиони патници годишно кои ќе бидат услужени со 13 до 17 пара возови дневно со капацитет од 365 патници. Максималната проектирана брзина е 330 километри на час. Иако оваа линија е од извонредно значење за Шпанија, сепак главниот акцент во железничкиот развиток на брзите пруги во Шпанија ја има линијата Мадрид – Барселона – Фигуерес – Перпињан која ќе ги поврзе Шпанија и Франција со супер брзи возови.
Првата фаза од изградбата на железничката линија е комплетирана помеѓу градовите Мадрид и Сарагоса во 2003 година за максимална брзина од 200 километри на час. Во периодот помеѓу 2003 и 2007 година брзината на возовите на истата релација е подигната на 300 километри на час. На 20 февруари 2008 година е пуштена во употреба брзата пруга помеѓу Мадрид и Барселона преку сообраќањето на првиот супер брз воз AVE (Alta Velocidad Española) со што патувањето измеѓу двата најзначајни шпански центри се скрати од 6 часа на 2 часа и 32 минути. Брзата пруга во должина од 621 километар не го означи крајот на овој грандиозен проект.
Завршувањето на делницата Барселона – Фигуерес – Перпињан е клучно за железничкото поврзување на Пиринејскиот полуостров со остатокот од Европа. Сегашната железничка врска создава огромни проблеми во превозот на патници и стока бидејќи пругата на шпанската страна е со ширина од 1.668 мм, наспроти стандардната европска ширина на пругата од 1.435 мм на француска страна. Невообичаената ширина на пругата како остаток од диктатурата на Франко доведува до проблеми при преминувањето на француско – шпанската граница, како што е преместувањето од еден во друг воз. 44 километри долгата пруга помеѓу Фигуерес и Перпињан ќе го надмине деценискиот проблем со кој се соочуваат шпанските и француските железници.
Изградбата на брзата пругата помеѓу Фигуерес и Перпињан започна во 2004 година, а истата предвидува и тунел од 8,3 километри под Пиринејските планини. Иако целата траса е завршена на 17 февруари 2009 година, супер брзите возови сеуште не сообраќаат поради недоградената железничка станица во Фигуерес. Дополнителни проблеми предизвикува и делницата од Барселона до Фигуерес, чии крајни рокови за завршување се поместени за 2012 година наместо првичниот термин од 2009 година.
Со целосното завршување на брзата пруга ќе се поврзат Шпанија и Франција со супер брзите возови AVE и TGV. Предвидено е патувањето помеѓу Париз и Барселона да се скрати на 5 часа и 35 минути, додека од Мадрид до Перпињан да се стигнува за 3 часа и 50 минути. Главниот град на Каталонија ќе се поврзе и со главните француски туристички центри Марсеј, Лион и Тулуз со супер брзи возови кои ќе бидат конкурентни на авионскиот сообраќај.
Идните планови за развој на брзите пруги низ Шпанија се повеќе од оптимистички. Шпанија треба да се поврзе со 9.000 километри брзи пруги до 2020 година, при што е предвидено да сообраќаат супер брзи возови помеѓу сите поголеми шпански градови. Шпанската влада планира да вложи 108 милијарди евра во наредната деценија за изградба на инфраструктурата по која ќе се движат супер брзите возови. Проектот предвидува железничкиот сообраќај да постане основно превозно средство на Шпанците со што би се истиснал авионскиот и автомобилскиот превоз од водечката позиција. Во прилог на проектот се и моменталните резултати кои покажуваат дека супер брзите возови се водечко превозно средство помеѓу градовите Мадрид, Барселона, Севиља и Малага.
Бојан Блажевски