Во чест на изградбата на новиот главен град на Казахстан во септември 2003 година беше пуштен во употреба модерниот брз воз Тулпар. Казахстанските железници се одлучија првите две гарнитури да ги искористат за поврзување на двата најголеми градови во Казахстан, старата престолнина Алма Ата и новоизградениот главен град Астана.
Тулпар е брз воз од серијата Талго 200 на истоимениот шпански производител на возови. Сообраќа како ноќна линија помеѓу двете престолнини со максимална брзина од 140 километри на час, со можност за нејзино зголемување до 200 километри на час во иднина. Железничката линија минува низ непрегледните казахстански степи, коишто брзиот воз ги минува за 12 часа, наспроти стандардните возови кои сообраќаат од Астана до Алма Ата повеќе од 20 часа.
Гордоста на казахстанските железници претставува речиси историска серија на шпанскиот производител на возови. Талго 200 започна да се произведува во 1980 година, а во 80-тите и 90-тите години американскиот превозник Амтрак купи неколку гарнитури од оваа серија што сеуште сообраќаат на неколку железнички линии во Америка. Тулпар возовите претставуваат последни примероци произведени од оваа серија на Талго во почетокот на 21-от век.
Тулпар од 5 јуни 2010 година сообраќа од Алма Ата до Кокшетау преку главниот град Астана. Казахстанските железници планираат проширување на брзите возови со нови Талго гарнитури долж мистичната Турксибирска железница, чии фасцинантни предели ќе ги обелодениме во некој нареден текст.
Бојан Блажевски