Претходна статија
Малтерисување (подрум)
Следна статија
Најбрзата пруга на светот

Талго вагони на линијата Сараево – Белград

Објавено на 11.01.2011 во категорија Блог.
Facebooktwitterlinkedin

Новите босански Талго вагони до крајот на месецов треба да започнат да сообраќаат на линијата Сараево – Белград – Сараево. Се прават последните подготовки за пуштање во употреба на најмодерната и најнова патничка гарнитура на Балканскиот полуостров. Со пристигнувањето на првата гарнитура во февруари минатата година се извршени сите тестирања на Талго вагоните долж босанските пруги, подготвено е новото депо, а купена е и нова опрема за оддржување, алат и резервни делови. Во втората половина на ноември во Сараево пристигна втората гарнитура Талго вагони кои ќе бидат неопходни за секојдневен сообраќај помеѓу главните градови на Босна и Херцеговина и Србија.


###


Со воведувањето на новите шпански вагони ќе се скрати патувањето со воз помеѓу Сараево и Белград на 4 часа и 15 минути. Талго композицијата за Белград ќе се состои вагони од 1 и 2 класа, бистро вагон, а во возот е предвиден и кетеринг-сервис. Засега нема информации за зголемување на цената на картите, но се очекува голема промотивна активност од страна на босанските железници. Дополнителна поволност ќе биде и можноста на оваа линија да се патува со картичката Балкан Флексипас.


Босанските железници планираат значително зголемување на меѓународниот сообраќај со воведувањето на Талго вагоните. Покрај кон Белград во 2011 година,  со пристигнувањето на новите гарнитури се планира воведување на линија Сараево – Љубљана – Сараево и Сараево – Виена – Сараево, како и зголемување на бројот на возовите кон Загреб, Белград и Будимпешта. Според пишувањето на магазинот „Старт“, со новите шпански вагони ќе се намали времето на патување во меѓународниот сообраќај за 35 проценти.


###


Во наредниот период се очекува испорачување и на останатите Талго вагони, од кои 2 гарнитури ќе пристигнат во април 2011 година а останатите 5 гарнитури е предвидено да се испорачаат во септември 2011 година. Босанските железници ќе добијат 9 Талго гарнитури со вкупно 81  вагон од 1 и 2 класа, како и спални, бистро и ресторан вагони. Вкупната инвестиција е во износ од 67,6 милиони евра добиени со кредит од шпанската влада, пренесува босанскиот магазин „Капитал“.


Покрај федералната железница на БиХ, предвидени се и четири Талго гарнитури за Железницата на Република Српска во износ од 40 милиони евра. Со новите шпански вагони се очекува значително зголемување на превезените патници со железница, чиј број минатата година изнесувал помалку од 1 милион патници за целата територија на Босна и Херцеговина.



Бојан Блажевски