На 30 јули, брзиот воз Сапсан започна да сообраќа на линијата Москва – Нижни Новгород. Со пуштањето во употреба на овој воз, Русија ја добива втората делница на брза пруга по која возовите ќе сообраќаат со брзина од 250 километри на час, која што во иднина се планира да се зголеми на 330 километри на час.
За почеток, Сапсан ќе сообраќа еднаш дневно на релацијата Санкт Петерсбург – Москва – Нижни Новгород, со поаѓање од Санкт Петерсбург во 15:00 часот и пристигнување во Нижни Новгород во 23:25 часот и поаѓање од Нижни Новгород во 15:05 часот и пристигнување во Санкт Петерсбург во 23:24 часот. Сапсан ќе го намали времетраењето на патувањето помеѓу Москва и Нижни Новгород на само 3 часа и 55 минути и на 7 часа и 25 минути помеѓу Санкт Петерсбург и Нижни Новгород со што временски ќе стана конкуренција на развиениот авионски сообраќај. Руската државна железница уште во 2006 година започна со реконструкција и надградба на пругата Москва-Нижни Новгород за да се овозможи сообраќај на супер брзите возови.
Во моментов Velaro Rus (Sapsan) сообраќаат 7 пати дневно на линијата Москва – Санкт Петерсбург и 8 пати дневно на линијата Санкт Петерсбург – Москва, додека до крајот на 2010 година се планира да се зголеми бројот на 10 пара возови дневно. Далечина од преку 800 километри овие возови ја минуваат од 3 часа и 55 минути до 4 часа и 45 минути, во зависност од бројот на станиците во кои возот стои.
Сапсан претставува брз воз на погон на електрична енергија произведен од германската компанија Сименс со назив Веларо. Руската државна железница и Сименс потпишаа договор во мај 2006 година за испорака на 10 примероци од овој воз заедно со договор за техничко сервисирање на возовите во траење од 30 години. Сапсан може да прими 604 патници во вагоните од туристичка и бизнис класа, а во возот има и бистро бар во кој е достапна храна и пијалоци. Вкупната тежина на возот е 667 тони, долг е 250 метри додека неговата ширина изнесува 3,26 метри. Стандардизиран е за руските пруги со ширина од 1520 мм.
Руските државни железници планираат да го воведат Сапсан и кон црноморското крајбрежје на линијата Москва-Сочи, која треба да проработи пред оддржувањето на Олимпијадата во Сочи во 2014 година. Сапсан на релацијата Москва-Санкт Петерсбург има голема конкуренција од возовите Невски експрес, Николаевски експрес, Аврора и Црвена Стрела, кои се гордост на Русија уште од времето на СССР и кои сообраќаат со максимална брзина од 200 километри на час.
Бојан Блажевски