Со потпишувањето на протоколот за реализација на кредитот за Српската железница вреден 800 милиони евра помеѓу Русија и Србија, повторно се отвора шансата за изградба на пругата Ваљево – Лозница како алтернатива за железничко поврзување на земјите од јужен Балкан со Европа. Руските државни железници и ставија на располагање 276 милиони евра на Србија за конечно завршување на овој сегмент од железничката инфраструктура на земјата.
* дел од завршените 300 метри пруга користена за политичка пропаганда на Слободан Милошевиќ
Најголемата предност на железничката линија помеѓу Ваљево и Лозница е формирањето на паралелна траса на железничкиот Коридор 10, при што истата би служела за намалување на сообраќајот на паневропскиот коридор. Значително се намалува и патот за стока и патници помеѓу Босна и Херцеговина, јужните делови на Србија и Македонија, па така БиХ и Македонија ќе се поврзат со пруга што е 190 километри пократка од Коридорот 10.
*еден од тунелите на пругата Ваљево – Лозница
Вкупната должина на железничката пруга изнесува 68 километри, а проектот предвидува изградба на 5 железнички станици, 19 тунели во должина од 9.759 метри и 69 мостови во должина од 3.977 метри. Пругата ќе има еден електрифициран колосек долж целата траса, а возовите ќе се движат со максимална брзина од 120 км/ч. Првичните планови предвидуваат на оваа делница годишно да се превезуваат 800.000 патници и 3,5 милиони тони стока.
*пругата Ваљево – Лозница како алтернатива на Коридор 10
Според последните информации, почетокот на изградбата на пругата Ваљево – Лозница е најавен за 1 септември оваа година. Руските државни железници инсистираат да се заврши комплетната документација и да се објави тендерот за избор на најповолен понудувач за изградба на пругата. Основен услов за користење на рускиот кредит е руски градежни компании да ја добијат работата за изградба на пругата и руски компании да ја обезбедат потребната опрема за изградба на железничката инфраструктура.
*затворената железничка станица во градот Лозница
Пругата Ваљево – Лозница е започната со градба во 1914 година пред самиот почетокот на Првата светска војна. Двете светски војни и распадот на Југославија беа пречка за конечно завршување на овој проект, за кој во 1975 година е пресметано дека претставува еден од најрентабилните железнички проекти во Европа и дека изградбата на истиот ќе ја исплати целата инвестиција за помалку од 10 години.
Бојан Блажевски