Претходна статија
Оној кој сака да се згрее во староста, мора да изгради камин во младоста
Следна статија
Ќе добие ли Калифорнија супер брзи возови?

Од Мека до Медина со супер брз воз

Објавено на 03.08.2011 во категорија Блог.
Facebooktwitterlinkedin

#Саудиска Арабија е пред вистински предизвик прва да изгради брза пруга во суровите пустински предели и огромните температурни разлики. Проектот (The Haramain High Speed Rail Project) предвидува поврзување на светите градови Мека и Медина со супер брз воз до крајот на 2012 година. Вкупната должина на пругата изнесува 450 километри, а истата го поврзува и градот Џеда и меѓународниот аеродром именуван по кралот Абдул Азиз.

 

#Огромниот проект предвидува неколку фази на реализација на работите. Првата фаза од проектот започна во март 2009 година и истата предвидува дизајнирање и конструкција на мостови, вијадукти, тунели и други пропратни објекти на трасата од Мека до Медина. Супер брзите возови е планирано да превезуваат 3 милиони патници годишно со брзина од 320 километри на час низ пустинските предели на Саудиска Арабија. Првичните планови за вредноста на првата фаза изнесуваа 1,8 милијарди долари, но вкупниот износ на средства постојано се зголемува.

 

#Вториот сегмент од проектот предвидува изградба на пет железнички станици долж целата траса.  За оваа цел во април 2009 година беа издвоени 38 милиони долари, а во февруари 2011 година е одлучено изградбата да ја извршат саудиските компании Бин Ладен груп и Огер. Планирано е централните железнички станици во Мека и Медина да бидат спој на „високите меѓународни стандарди и спецификации“ со исламската архитектонска традиција, но ќе бидат и доследни на религиозната димензија на светите градови.

 

Втората фаза од проектот предвидува комплетирање на целокупната инфстрактруктура што не е предвидена со првата фаза, како што е изградба на самата железничка пруга, инсталација на сигнализацијата, обезбедување електрична енергија и поставување телекомуникациска опрема.

 

#Француската корпорација Алстом е избрана да ги избработи супер брзите возови што ќе се движат помеѓу светите градови Мека и Медина. Компанијата е планирано да изработи електромоторни гарнитури, чија максимална брзина ќе може да достигне 360 километри на час. Французите ги нудат супер брзите возови TGV Duplex кои сообраќаат на брзите пруги во Франција.

 

Проектот предвидува супер брзите возови значително да го скрат времетраењето на патувањето помеѓу градовите Мека, Џеда и Медина, така што помеѓу Мека и Медина возовите ќе сообраќаат 120 минути, додека помеѓу градовите Мека и Џеда ќе се патува 30 минути. Брзата пруга помеѓу двата свети града е само почетна реализација на бројните идеи за поврзување на поголемите градови во Саудиска Арабија со супер брзи возови.

 

 

Бојан Блажевски