Од самите зачетоци на фамилијарниот бизнис до денешното позиционирање на меѓународниот пазар, името Кнауф означува храброст за визии, иновации и инвестиции, едноставен процес на донесување одлуки и богатство на идеи кај неговите вработени. Блискоста со клиентите, воспоставувањето на долготрајни и извонредни врски со потрошувачите преку понудата на првокласни совети и соодветен стручен сервис за врвните производи и системи е начинот на кој Кнауф успеа да постане глобален лидер на пазарот за градежни материјали. Иднината се наоѓа во рацете на талентираните и мотивираните вработени на германската групација. Сепак, велат дека историјата е мајка на науките која несебично ги дава сопствените знаења во функција на обезбедување на посветла иднина. Осумдеценискиот пат на развојот на Кнауф претставува поучна приказна со која германскиот производител се гордее и несебично сака да ја сподели со целокупната јавност
Компанијата Кнауф е основана во 1932 година во германската сојузна покраина Саарланд од браќата др. Алфонс Кнауф и Карл Кнауф, кои професијата рударски инженери се одлучија да ја преточат во претприемништвото, отворајќи ја првата гипсара во Сар и Мајна. По завршувањето на Втората светска војна, претпријатието го продолжи опстојувањето преку отворање на фабрика во Ипхофен, локација позната по богатите наоѓалишта на гипс, а производството на светски познатиот бренд – гипсените плочи го започна во 1958 година. Кнауф е класична семејна компанија, која и покрај својата големина во меѓународни рамки, сеуште го задржа партнерското раководење на бизнисот во координација помеѓу членовите на семејството.
Основната вредност од која компанијата го црпи целокупниот развиток во изминативе 80 години е природата. Зачувувањето на животната средина и развитокот на економијата се неразделиви во работењето на компанијата. Производите на Кнауф се еколошки беспрекорни и препорачливи за човеково користење. Гипсот како природен материјал има идентична pH вредност со човековата кожа, а неговата примена во медицината, во производството на козметика и во прехранбената индустрија за производство на пиво покажува дека се работи за потполно здрав материјал за човекот и животната средина. Со милениуми наназад гипсот се користел како градежен материјал, а неговата примена не е прекината до денес. Ползувањето на благотворните карактеристики на гипсот овозможи енергичен прогрес на познатата германска компанија.
Кнауф на глобално ниво започна да се развива на почетокот од 70 – тите години на 20 век, одлучувачки потег за неговата препознатливост кај планетарната јавност. Под паролата „Go East“ претпријатието од 1989 година се насочи кон постепено развивање на пазарите во поединечни држави на Средна Европа. Производите на групацијата Кнауф денес се застапени во повеќе од 75 земји низ сите континенти и региони, со преку 150 фабрики во повеќе од 50 држави во Европа, Азија, Северна и Јужна Америка и вкупен персонал од над 23.000 вработени. Само во Источна Европа за крајните потрошувачи секојдневно се грижат 1.350 вработени распоредени во 16 држави.
Синоним за неговото постоење е преработувањето и производството на гипс и гипсени градежни материјали, но активно функционира и во областите на изолациони материјали, вар и иновациите во градежната хемија. Една од основните стратегиски определби на компанијата е производството на висококвалитетни материјали да се одвива во регионите богати со потребните суровини. Одржувањето на својствата на производите и сигурноста во нивното континуирано обезбедување за крајните потрошувачи, Кнауф ја обезбедува со резерви од околу 1,1 милијарди тони суров камен распространет во 60 каменоломи и рудници низ целата Планета.
Приказната за Кнауф во Македонија започнува во јуни 1994 година со отворањето на комерцијално – техничка канцеларија надлежна за македонскиот пазар. Следејќи ја политиката за инвестирање во фабрики за производство на готови производи во државите богати со квалитетни суровини, Кнауф во 1997 година ги купи акциите во постоечката фабрика за гипс „Радика“ од Дебар и започна со изградба на нова модерна фабрика. Со инвестиции од околу 27 милиони евра се изведе комплетно нова инфраструктурна мрежа, производни и магацински објекти и управна зграда. Со инсталирањето на најсовремена автоматизирана технолошка опрема се обезбеди висок квалитет во производството на 13 милиони метри квадратни гипс картонски плочи и 200.000 тони прашкасти материјали и малтери. Пласманот е извозно ориентиран на пазарите во Србија, Црна Гора, Бугарија, Албанија и Косово, а со 15% од вкупното производство се намируваат потребите на македонските потрошувачи.
Германскиот гигант во градежниот сектор отвори модерен објект за продажба и маркетинг во скопската населба Автокоманда. Основната намена на канцеларијата е да се организираат стручни собири и симпозиуми од областа на градежништвото, практични обуки и одржување на семинари за изведувачи со цел за подигање на информираноста и стручноста во делот на сувата градба и примената на фабричките малтери. Главниот предизвик претставува практична имплементација на филозофијата на Кнауф за максимално задоволување на барањата на крајните потрошувачи, добавувачите и изведувачите на градежните активности.
Вистински доказ за добрите особини во работењето е примената на меѓународниот сертификат за имплементиран систем за управување со квалитет според стандардот ISO 9001:2008, стратегија што започна да се спроведува уште во 1995 година со воведувањето на меѓународниот стандард EN ISO 9001. Компанијата Кнауф сопствените производи ги испитува во Институтот за градежна биологија ИБР (IBR) во Розенхајм, Германија. Според анализите на хемискиот состав, сертификатот од оваа лабораторија се издава само за производи кои „обезбедуваат здраво живеење и заштита на околината“. „Институтот за градежна биологија Розенхајм ГМБХ, врз база на одличните резултати на испитувањата, го наградува КНАУФ РАДИКА АД со овој Печат за квалитет за производот гипсена плоча. Институтот потврдува целосно отсуство на VOC (испарливи органски компоненти), биоциди, тешки метали и радиоактивност“, се наведува во доделениот сертификат.
Широкоразгранетата мрежа на фирми – партнери низ цела Македонија претставува гордост на компанијата Кнауф. Крајните потрошувачи во било кој временски период можат да се обратат за информации и материјали кај партнерите на Кнауф, чии монтери и изведувачи на градежните работи редовно и во континуитет се стекнуваат со вредни знаења од организираните семинари и обуки од Канцеларијата за продажба и маркетинг на германската групација. Изминатите 80 години од успешното функционирање во областа на производството на градежни материјали претставуваат сериозен предизвик за понатамошно исполнување на девизата на компанијата: „Сонот потекнува од градителите, планот од архитектите, материјалот од Кнауф“.