*ДМВ подарок од Силвио Берлускони за 40 – годишното владеење на Моамер Гадафи
Да не беше конфликтот во Либиската Џамахирија, граѓаните на оваа земја ќе се возеа по пругите со брзина од 250 километри на час кои ги градат руските и кинеските градежници. Првичните планови за завршување на првата делница од железничката инфраструктура беа 2012 година, а првите 14 километри се веќе изградени од страна на Руските државни железници.
*владина пропаганда за брзите пруги во Либија
Во 2008 година Либија потпиша договор вреден 2,2 милијарди евра со Руските железници за изградба на железничка инфраструктура помеѓу градовите Сирт и Бенгази во должина од 551 километар пруга со стандардна ширина од 1435 мм. Првичната намера е во 2012 година да сообраќаат дизел локомотиви со брзина од 160 километри на час, додека во годините потоа е планирано да се електрифицира пругата и да зголеми брзината на 250 км/ч до 320 км/ч.
*потпишување на договорот помеѓу Либија и Русија
Паралелно со изградбата на делницата помеѓу Бенгази и Сирт, кинеската China Railway Construction ја доби зделката вредна 2,6 милијарди долари за изградба на пруга која ќе ги спојува градовите Сирт, Мисрата и Ал Хумс во должина од 352 километри, како и делницата од Триполи до туниската граница во должина од 172 километри.
*изградба на пругата помеѓу Бенгази и Сирт
Идејата за брзи пруги во Либија е зачната од владата на оваа земја во 1998 година. Првичната намера на проектот е да се поврзат градовите од северниот дел на земјата со Египет и Тунис, како дел од пошироката идеја за железничко поврзување на земјите од Мароко до Египет. Пред почетокот на овој проект, Либија немаше изградено ниту еден километар железничка инфраструктура.
*план за градба на Руските железници
Railway Gazette ја пренесе веста за завршувањето на првите 14 километри пруга во март 2010 година. Руските железници е планирано да изградат 23 железнички мостови, 6 големи и 24 мали станици долж 551 километар долгата пруга од Сирт до Бенгази. Компаниите Ansaldo и Selex Communications го добија тендерот вреден 247 милиони долари за изградба на системот за билети, сигнализација, автоматизација и телекомуникации на пругата помеѓу Сирт и Бенгази. Воениот конфликт во Либија го стопира проектот за изградба на брзи пруги долж земјата, бидејќи работниците на Руските железници и колегите од Кина беа приморани да ја напуштат на неодредено Либиската Арапска Џамахирија уште во текот на првите денови од судирите.
*сегмент од изградбата на пругата во Либија
Покрај изградбата на брза пруга долж северниот дел од земјата, кинеската железничка компанија го доби тендерот за изградба на пруга долга 992 километри помеѓу градовите Мисурата и Себха, со чија помош ќе се пренесува нафта и железо со товарни вагони од јужните делови на Либија кон пристаништата на северот.
*локомотива на Руските железници во Либија
Либија и Мароко се единствените држави од Африка кои се решија да ги поврзат градовите со изградба на брзи пруги. Арапската Џамахирија е можеби единствената држава во светот која што се реши да изгради огромна железничка инфраструктура за краток период низ пустински предели за да го поврзе премалиот број на население од 6 милиони жители. Покрај брзите пруги, воениот конфликт во Либија го става под знак прашање почетокот на проектот за изградба на метро во градовите Бенгази и Триполи.
Бојан Блажевски