Од Сан Франциско до Лос Анџелес за помалку од 2 часа и 40 минути со брзина од 350 километри на час претставува главната предност на проектот за изградба на железничка инфраструктура за супер брзи возови во американската сојузна држава Калифорнија. Граѓаните на оваа држава уште во 2008 година се изјаснија дека го поддржуваат предлогот за изградба на брзи пруги кои ќе ги поврзат милионските градови на западното крајбрежје на САД.
Проектот предвидува изградба на 1.300 километри брзи пруги низ Калифорнија, и тоа на север до Сан Франциско и Сакраменто и на југ до Сан Диего. Плановите предвидуваат возовите да се движат со максимална брзина од 350 километри на час, а во рамките на проектот е исцртана изградба на 24 железнички станици. Супер брзите возови ќе се движат на електрична енергија добиена од ветер и сонце, што претставува значајна новост за американскиот железничко – транспортен систем наспроти досегашната употреба на локомотиви кои користат нафта. Калифорниската влада смета дека успешната имплементација на овој проект ќе доведе до значително намалување на загадувањето на воздухот и целокупната животна средина во целата земја.
Планот за изградба на железничка инфраструктура за супер брзи возови предвидува фазна изградба на 10 секции од пругата. Изградбата се очекува да започне во септември 2012 година, а првичната вредност на делницата од Сан Франциско до Анахејм изнесува 45 милијарди долари. Досега се обезбедени финансиски средства за изградба на 200 километри од потребната инфраструктура помеѓу градовите Фресно и Бејкерфилд. Првите супер брзи возови помеѓу Сан Франциско и Лос Анџелес се очекуваат до 2020 година, а крајниот рок за завршување на целокупниот проект е 2026 година. Планирано е и да се обнови досегашната дотраена железничка инфраструктура со што ќе се овозможи значително поголема брзина на сообраќај и на сегашните патнички возови на националната американска компанија Amtrak.
Проектот за изградба на брзи пруги долж Калофорнија има две жестоко спротивставени страни. Калифорниските граѓани на референдум одобрија дел од финансиските средства за изградба на делницата од Лос Анџелес до Сан Франциско, но голем сегмент од финансиските средства се очекува да пристигне од американскиот буџет. Републиканците и десничарските невладини организации силно го критикуваат проектот и се спротивставуваат на одделувањето на пари од буџетот за изградба на брзите пруги, додека американскиот претседател Барак Обама се залага за одвојување на финансиски средства за овој проект, но и за поголем број други планови за подобрување на американската железничка инфраструктура. На страна на поддржувачите на проектот се и предвидувањата кои истакнуваат дека Калифорнија ќе треба да потроши значително поголема сума пари за изградба на нови автопати и аеродроми наспроти планот за воведување на супер брзи возови.
САД досега имаат единствено еден успешно реализиран проект на полето на супер брза патничката железничка инфраструктура. Acela Express во североисточниот дел на земјата веќе успешно функционира неколку години, иако истата е управувана од националната железничка компанија Amtrak. Финансиските средства што го обезбедува оваа делница се вложуваат во покривање на загубите на останатите патнички возови низ САД. Плановите за изградба на супер брзи пруги пропаднаа во неколку американски сојузни држави, а Флорида е последната држава која објави дека нема да гради брза пруга на сопствена територија.
Бојан Блажевски