Се почна од желбата да се живее послободно, поквалитетно, помирно. И тоа во куќа. Потрагата траеше неколку месеци кога најдовме соодветен плац. Површината е околу 950 m2, таман доволно за помала семејна куќа за едно семејство и многу двор.
Следуваше затворање на сите неопходни процедури за да добиеме парче земја на наше име. ‘Патот’, во најкратки црти, изгледа вака:
Пружање рака>Проверка на имотот во општина за што е предвиден>Купопродажен договор на нотар>Исплата на пари>Катастар>Град Скопје (за данок)>Општина>Град Скопје>Катастар.
Во нашиот случај до добивање на Поседовен лист, постапката траеше 6 месеци. Во ‘патот’, поминавме низ сито и решето, типично за нашето работење.
Паралелно со одењето на ‘патот’, беше ангажирана геодетска фирма да изврши мерење и исколчување. Тоа се правеше 2 пати заради усогласување со соседите. Потоа, следуваше изработка на геодетски елаборат за обнова на граници и постапка во Катастар за добивање Имотен лист (со поединечен упис). Имотниот лист излезе на виделина по 10 месеци од почетокот на авантурата.