Претходна статија
Екологија и рециклирање при градење (DIY)
Следна статија
Оној кој сака да се згрее во староста, мора да изгради камин во младоста

Инфраструктурни чуда долж брзата пруга Пекинг – Шангај

Објавено на 14.07.2011 во категорија Блог.
Facebooktwitterlinkedin

За време на одбележувањето на 90 – годишнината од основањето на Комунистичката партија на Кина, на 30 јуни 2011 година беше пуштена во употреба брзата пруга помеѓу Пекинг и Шангај. Супер брзите возови ја минуваат 1.318 километри долгата пруга со брзина од 300 километри на час за времетраење од само 4 часа и 48 минути. Брзата пруга, вредна 32 милијарди долари, минува низ железнички станици, мостови и вијадукти кои претставуваат инфраструктурни чуда на денешницата. Во продолжение следуваат само дел од реализираните брилијантни проекти:

 

 

1. Danyang – Kunshan, најдолгиот мост на светот

 

Комбинацијата од вијадукт и мост со вкупна должина од 164,8 километри е главната карактеристика на Danyang – Kunshan мостот, кој влегува во историјата како најдолг мост на светот. Времетраењето на градбата на мостот изнесуваше 4 години и истата заврши во 2010 година, а за неговата изградба се потрошија фантастични 8,5 милијарди долари. Danyang – Kunshan мостот е изграден воглавно за железнички сообраќај на брзата пруга Пекинг – Шангај, иако во рамките на овој голем проект влегува и Qingdao Haiwan мостот за патен сообраќај, кој воедно го држи рекордот за најдолг мост преку вода во светот.

 

 

 

 

 

2. Dashengguan железнички мост

 

Dashengguan претставува најдолгиот сводест мост на светот изграден над навигационите канали на реката Јангце како дел од брзата пруга помеѓу Пекинг и Шангај. Вкупната должина на мостот изнесува 9.273 метри, од кои главниот мост и пристапот од југ се долги 3.674 метри. Dashengguan претставува исклучиво железнички мост со 6 колосеци со максимална дозволена брзина од 300 километри на час, од кои 2 колосека се за пругата Пекинг – Шангај, 2 за пругата Шангај – Вухан и 2 за постоечката метро линија. Главниот мост е составен од челична сводова конструкција со вкупна должина од 1.615 метри која се издигнува високо кон небото. Специфичната челична структура на мостот Dashengguan претставува една од најимпресивните градежни конструкции на денешнината.

 

 

 

 

 

3. Hongqiao железничка станица во Шангај

 

Поаѓањето на супер брзиот воз за Пекинг е од шангајската железничка станица Hongqiao, која беше пуштена во употреба на 1 јули 2010 година. Вкупната вредност на станицата изнесува 2,3 милијарди долари, а истата се наоѓа на површина од 1,3 милиони метри квадратни со 30 железнички колосеци наменети воглавно за супер брзи возови.

 

За изградбата на железничката станица се употребени 80.000 тони челик, а главната хала на станицата се простира на површина поголема од 10.000 метри квадратни. Железничката станица е позната по инсталираните 20.000 соларни панели на површина од 61.000 метри квадратни со моќност од 6,68 мегавати, со што овој објект претставува најголемиот самостоен фотоволтаичен проект на светот.

 

 

 

 

 

 

 

4. Beijing South Railway Station

 

Јужната железничка станица во Пекинг, на која пристигнува супер брзиот воз од Шангај, се простира на 320.000 метри квадратни  и има 24 железнички колосеци кои опслужуваат преку 30.000 патници на секои 60 минути. За проектирањето на железничката станица се погрижи познатиот британски архитект Тери Фарел. При изградбата на станицата се вградени 60.000 тони челик и 490.000 метри кубни бетон, а истата беше пуштена во употреба на 1 август 2008 година.

 

 

 

 

 

 

Бојан Блажевски