Претходна статија
Кнауф Дијамант - највредниот скапоцен камен во круната на сувата градба
Следна статија
РЕПОРТАЖА: Кружењето на трамвајските приказни низ Сараево

Градителски потфат од соништата: Олимписките игри во Сочи

Објавено на 06.02.2014 во категорија Блог.
Facebooktwitterlinkedin

Рускиот град Сочи во очите на просечниот македонски граѓанин е синоним за 22-те по ред Зимски олимписки игри, предвидени да се одржат од 7 до 23 февруари 2014 година. Наспроти нас, во најголемата држава во светот постојат граѓани кои сè уште не можат да поверуваат дека нивната омилена дестинација за летен одмор прераснала во зимски туристички центар. Човештвото изминатите години се најде пред нов предизвик: да се организираат Зимски олимписки игри во град со субтропска клима, и тоа токму во држава каква што е Русија, во која Сочи е еден од ретките градови во кои во зимскиот период снегот претставува исклучок, а не секојдневие. Маката пред која се најдоа организаторите ја реши градителството, за кое изградбата на стотиците објекти и целокупната инфраструктура претставуваше нов предизвик. И официјално, за Зимските олимписки игри (ЗОИ) во Сочи се потрошија 45,8 милијарди долари, што претставува најголемиот финансиски буџет во историјата на оваа меѓународна спортска манифестација.

 

####

 

 

Реализацијата на огромниот градителски проект заврши на 27 декември 2013 година. На овој датум, градоначалникот на Сочи, Анатолиј Пахомов излезе пред светската јавност за да ги соопшти импозантните резултати. Градежните компании комплетираа повеќе од 400 објекти, што се директно или индиректно поврзани со светскиот настан. Во делот на инфраструктурата, изведени се патишта долги 360 километри, од кои 102 моста со вкупна должина од 27 километри, 54 железнички мостови со должина од 16 километри, пруги во должина од 201 километар и 22 тунели, пренесува руската новинска агенција „Интерфакс“. Отворен е нов терминал на меѓународниот аеродром во Сочи, кој е директно поврзан со железничка линија до новата железничка станица во градот и до Краснаја Полјана. Извршена е реконструкција и зголемување на длабочината на водите на пристаништето во Сочи, со што тоа може да ги прими големите бродови за крстарење.

 

####

 

 

Според информациите кои директорот на Руските државни железници Владимир Јакуњин ги изнесе во белградска „Политика“, изградбата на целокупната железничка инфраструктура е завршена за само пет години, што претставува историски резултат за Русија, проект чија реализација може да се спореди единствено со комплетирањето на Бајкалско – Амурската магистрала во СССР. Како што јавува агенцијата ИТАР – ТАСС, телекомуникациската инфраструктура за непречено одвивање на ЗОИ во Сочи се состои од 940 базни станици за мобилната телефонија и оптичка мрежа во должина од 500 километри. За непречено снабдување со електрична енергија на сите објекти од ЗОИ, изградени се две нови термоелектрани, енергетски комплекс од четири хидроелектрани, комбинирани гасни електрани во соседните Новоросијск и Туапсе, а реконструирани се и термоелектраната во Сочи и хидроелектраната во Краснаја Полјана.

 

####

 

 

Единствено со целосно остварување на оваа инфраструктура, олимписките игри можат непречено да се одвиваат во атрактивните спортски зданија на две локации: Олимпискиот парк што се протега во Имеретинската долина покрај брегот на Црното море во Сочи и луксузниот зимско – рекреативен центар Краснаја Полјана. За изградба на спортските објекти, инфраструктурата и за развојот на градот Сочи, Русија во 2007 година ја основаше државната корпорација „Олимпстрој“, преку која се одвиваа сите градителски проекти. На самиот пиедестал на листата е Олимпискиот стадион „Фишт“, во кој е предвидено да се отворат 22. Зимски олимписки игри. Објектот се наоѓа во непосредна близина на приморските зданија во кои ќе се одржуваат натпреварите на затворено. Врвното архитектонско дело има капацитет од 40.000 седишта, чија изградба чинеше 609 милиони евра. Овој објект во иднина е предвидено да служи како фудбалски стадион.

 

####

 

 

Покрај стадионот, Олимпискиот парк се состои од неколку атрактивни градби. За одвивање на натпреварите во хокеј на мраз се изградени две зданија. Првото е големиот леден дворец „Баљшој“, кој може да прими 12.000 гледачи и во кој ќе се одигра финалниот натпревар од хокеј на мраз. Вториот објект за одржување на популарниот хокеј на мраз е арената „Шајба“, чиј капацитет изнесува 7.000 посетители. Натпреварите во карлинг ќе се одвиваат во карлинг – центарот „Ледена коцка“, која може да собере 3.000 гледачи. Дворецот на зимските спортови „Ајсберг“ е наменет за одвивање на натпреварите во уметничко лизгање и брзо лизгање. Ова здание од 67.830 метри квадратни ќе може да прими 12.000 љубители на овие зимски спортови.

 

####

 

 

Во рамките на комплексот е сместена и „Адлер Арена“, спортски објект со капацитет од 8.000 гледачи во кој се одвиваат натпревари уште од крајот на 2012 година. Долж крајбрежјето на Црно море е сместено и олимпиското село „Нерасовское“ во кое ќе живеат спортистите кои ќе учествуваат во секојдневните натпревари. Комплексот се состои од 50 зданија во кои можат да се сместат 3.000 луѓе. Во склоп на Олимпискиот парк, селото се наоѓа на најзападната страна од комплексот. На северниот крај од паркот е лоциран Меѓународниот медиа центар, во кој ќе бидат сместени известувачи од акредитирани медиумски куќи од целиот свет. Олимпиското село е поврзано преку директна метро линија со зимско – рекреативниот центар Краснаја Полјана.

 

####

 

 

Лоцирана на 60 километри од центарот на Сочи, на падините на Кавкаските планини се наоѓа зимско – рекреативниот центар Краснаја Полјана. На оваа монденска локација ќе се одржат спортските натпревари на отворено, за чие непречено одвивање е изградена планинската зона. Современиот комплекс „Роза Хутор“ се состои од скијачки центар и парк за екстремни зимски спортови. На ова место ќе се одвиваат натпреварите по скијање и сноуборд, кои ќе можат директно да се следат од околу 17.750 посетители. Вториот комплекс „Лаура“ е наменет за биатлон и скијачко трчање, при што на натпреварите во овие спортови ќе можат да уживаат 7.500 гледачи. Во склоп на планинскиот олимписки парк се наоѓа и комплексот за скијачки скокови и скијачко трчање „Руские гарки“, чиј капацитет изнесува 7.500 посетители.

 

####

 

 

Во спортскиот центар „Санки“ ќе се одржат натпреварите во санкање, скелетон и боб што може да се следат од страна на 5.000 гледачи. За сместување на спортистите кои ќе учествуваат во планинската зона на олимписките спортови, во Краснаја Полјана е изградено горното олимписко село, кое може да прими 2.600 лица. Според информациите на компанијата „Олимпстрој“, селото се наоѓа во склоп на комплексот „Роза Хутор“ на надморска височина од 1.100 метри. На површина од 30 хектари се изградени 50 сместувачки објекти. Во зимско – рекреативниот центар се наоѓа и вториот помошен медиа центар – олимпиското медиумско село на територијата на одморалиштето „Горки – град“.

 

####

 

 

Целокупните подготвителни, проектантски и изведбени активности за изградба на сите објекти и целокупната инфраструктура се реализирани во периодот од 30 октомври 2007 година, со основањето на државната компанија „Олимпстрој“ до 27 декември 2013 година, датум на кој беше соопштено дека градителскиот дел од Зимските олимписки игри во Сочи е завршен. Градежниците зад себе го оставија трудот кој првично ќе блесне на 7 февруари, со спектакуларното отворање на најзначајниот спортски настан годинава. Покрај воздишките од новите спортски рекорди на натпреварувачите, светската јавност во претстојните 18 олимписки денови ќе биде сведок и на величествените градителски проекти. Овој настан за Русија значи гордост, големиот момент што не успеаја да го дофатат со Летните олимписки игри од 1980 година, кои беа бојкотирани од западните земји поради воената интервенција на СССР во Авганистан.

 

 

Текстот го подготви: Бојан Блажевски