За да влијаеме барем малку кон екологијата на нашата земја и да придонесеме кон поубава средина за живеење решивме да го искористиме парчињата од блоковите Isospan што останаа по градење на куќата. Ова не е вообичаена процедура во градежништвото и обично овој материјал се третира како отпад (шут) и во најдобар случај завршува во регуларна, а често на дива депонија. Ние на некој начин извршивме рециклирање и го употребивме како подлога за надворешната тераса.
Имено, на источната страна од куќата предвидена е отворена тераса со димензии 7×5 m, подигната од теренот за 50 цм и целосно обиколена со скали со кои се комуницира со дворот. Најпрво, изведовме цокле (а.б. ѕидче) до предвидената височина. Истото го исполнивме со земја која ја набивме механички. Бидејќи ја оставивме непокриена скоро 1 година, земјата дополнително се наби по природен пат со помош на дождовите и снегот. Над земјата поставивме најлон за да оневозможиме земјата да ја впие водата при бетонирањето. Над најлонот ги поставивме остатоците од Isospan. На ваков начин ја подготвивме подлогата за а.б. плоча, односно го заменивме вообичаениот слој од „посен“ бетон. Над нив поставивме арматура и на крајот ја избетониравме плочата. Бидејќи терасата е со голема површина и лежи на земја, а заради намалување на евентуалните деформации во средината, поставивме и две а.б. греди.
Оваа позиција ја изведовме со принципот DIY (do-it-yourself), односно „сам свој мајстор“. Најлонот што го искористивме беше зачуван од тулите за преградните ѕидови и од малтерисувањето во куќата. Подлогата беше од остатоци од блоковите. Арматурата беше искористена од прачки што останаа вишок при градбата. Единствено нарачавме готов бетон за бетонирање и потрошивме 5 m3. Горната површина ја оставивме погрубо обработена, за да се оствари подобар контакт со завршниот слој кој ќе го даде финалниот лик на терасата.
Подготовка на арматура за гредите
Подготовка на остатоците од Isospan
Редење на блоковите како подлога пред армирање
Финален изглед со поставена арматура пред бетонирање
Натопување на блоковите со вода пред бетонирање
Избетонирана тераса
Доказ за погодност на Isospan-от за живеење
На наше големо изненадување ова гнездо го најдовме меѓу купот остатоци од блоковите. Тоа покажува дека материјалот е природен и погоден за живеење.