Претходна статија
Ќе добие ли Калифорнија супер брзи возови?
Следна статија
Градежна биологија

Брзи пруги во Мароко

Објавено на 25.10.2011 во категорија Блог.
Facebooktwitterlinkedin

Мароко е на добар пат да стане првата африканска држава со брзи пруги на кои ќе се движат возови со брзина од 320 километри на час. Веќе втора година се гради пругата од Тангер до Кенитра во должина од 200 километри.

 

 

Првата делница од брзите пруги во Мароко предвидува поврзување на градовите Тангер и Казабланка, а во тек е првата фаза со која се поврзуваат градовите Тангер и Кенитра. Мароканските железници планираат да ја завршат првата делница до крајот на 2014 година, а првите возови е планирано да сообраќаат до декември 2015 година.

 

 

На пругите ќе сообраќаат идентични возови на француските супербрзи TGV, со оглед на потпишаниот договор во вредност од 400 милиони евра помеѓу Мароканските железници (ONCF) и француската компанија Алстом. Гигантот во производството на возови ќе го снабди Мароко со 14 супер брзи возови до крајот на 2015 година, соопшти Радио Франс Интернационал во декември 2010 година. Гарнитурите ќе бидат со капацитет од 500 седишта, а според планираното ќе сообраќаат на секој час и половина помеѓу градовите Казабланка и Тангер.

 

 

Според плановите на владата, планирано е да се изградат 1.500 километри на брзи пруги долж Мароко до 2035 година. Во стратегијата за развој на железничката инфраструктура е предвидена и изградба на брза пруга помеѓу градовите Рабат и Казабланка со максимална брзина од 320 километри на час.

 

 

Мароканските железници планираат да го искористат искуството на француските железници (SNCF)  во изградбата на овој исклучителен проект за Африка. Спектакуларни се плановите на Франција, Шпанија и Мароко за поврзување со брзи пруги на градовите Казабланка, Мадрид и Париз, идеја која забрзано се реализира на европско тло. Доколку се реализира ваквиот проект, континентите Европа и Африка ќе бидат поврзани со супер брзи возови.

 

 

Новата железничка линија ќе го скрати патувањето помеѓу Тангер и Казабланка од 5 часа на околу 2 часа. Предвидувањата се дека супер брзите возови ќе превезуваат 8 милиони патници на оваа делница. Мароканската влада предвидува дека брзите пруги ќе бидат двигател на мароканската економија, ќе се намалат сообраќајните несреќи и загадувањето на природата, а супер брзите возови ќе го постават Мароко помеѓу најразвиените држави во светот.

 

 

Мароко е првата земја во Африка што започнала со изградба на брзи пруги. Заедно со Јужна Африка (ЈАР), Мароко е држава со најразвиена железничка инфраструктура во Африка (1.907 километри од кои 1.003 километри претставуваат електрифицирана пруга) и со превезени 30 милиони патници и 35 милиони тони стока во 2009 година.

 

 

Бојан Блажевски