Претходна статија
Катастар: недвижностите во Скопје имаат највисока вредност
Следна статија
Нови плоштади и шеталишта за неколку градови од југозападна Македонија

За време на празници донесени ДУП-овите за Карпош 3 и Тафталиџе 1

Објавено на 05.01.2016 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Советот на општина Карпош на денешната седница ги донесе Деталните урбанистички планови за скопските населби Карпош 3 и Тафталиџе 1. Од опозициската партија СДСМ обвинуваат дека градоначалникот Стевчо Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ ги донеле урбанистичките планови денес, откако на седницата на Дневен ред дополнително биле вметнати уште две точки. Како последица на ваквата одлука, опозициските советници од СДСМ и од коалиционите партнери ја напуштиле работата на општинскиот совет. Од СДСМ сметаат дека кај градоначалникот Јакимовски и ВМРО-ДПМНЕ постои крајна нетранспарентност и страв од граѓаните на општина Карпош.

 

 

 

„Потегот на Јакимовски и ДПМНЕ е резултат на постојаниот притисок од граѓаните на Карпош, кои во изминативе месеци протестираа за зачувување на зеленилото во општината. Исто така, постои голем револт од одлуката за пробивање на нова улица кај пазарчето Тафталиџе и царувањето на урбаната мафија, каде секојдневно никнуваат нови згради на сметка на зелени површини“, посочуваат од СДСМ.

 

Од општина Карпош денеска нема реакција на обвинувањата од опозициската партија. Од она што може да се види на официјалната веб – страница, на спорната седница на општинскиот совет точките се вметнати дополнително. Во вчерашниот текст за Дневниот ред на седницата, никаде не е наведено дека денеска требало да се гласа за урбанистичките планови за населбите Карпош 3 и Тафталиџе 1.

 

Во текот на минатото лето, граѓаните од неколку населби во општина Карпош формираа граѓански иницијативи против измените во урбанистичките планови. Меѓу нив, граѓани од Карпош 3 и од Тафталиџе 1 се организираа преку социјалните мрежи против донесувањето на планираните измени во Деталните урбанистички планови.