Претходна статија
95.000 евра ќе се дадат за помрднување на мониторот на „Сити галери“
Следна статија
Ќе се гради нов објект на Домот на културата во Автокоманда

20 милиони евра за „барокизација“ на универзитетскиот кампус

Објавено на 30.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Вбризгувањето на владиниот проект „Скопје 2014“ на скопскиот Универзитет „Св. Кирил и Методиј“ ќе го чини државниот буџет 1,2 милијарди денари, односно околу 20 милиони евра. Министерството за образование и наука пред четири дена ги склучило двата договори за изградба на објектите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, кои е предвидено да се градат во согласност со идејното решение на авторот Жарко Чаушевски. Двете згради во „барок“ стил ќе никнат во постоечкиот парк во комплексот факултети на УКИМ, спроти трговскиот центар „Мавровка“.

 

 

* Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ)

 

 

Проектот вклучува изградба на „барокните“ згради со површина од 11.238 метри квадратни, подземен гаражен простор и партерно уредување на овој дел од кампусот. Од објавените договори на веб – страницата на Бирото за јавни набавки може да се увиди дека фирмата „Бетон“ од Штип е избрана за изведувач на градежните работи, кои е предвидено да се одвиваат во наредните три години. Основниот проект за „барокизација“ на универзитетскиот кампус во Скопје го изработи фирмата „Архитектоника“. Останува нејасно дали за најавената интервенција во комплексот факултети е консултиран словенечкиот архитект Марко Мушич, кој е автор на изворното идејно решение во периодот на постземјотресно Скопје.

 

* Факултет за физичко образование, спорт и здравје 

 

 

Идејата за изградба на две нови згради во универзитетскиот кампус беше лансирана во септември 2014 година. Изборот на победничкиот архитектонски конкурс и на основниот проект за објектите се одвиваше на крајот од минатата и во текот на оваа година. Освен пензионираниот професор Георги Константиновски и дел од универзитетските професори на Архитектонскиот факултет, преостанатите интелектуалци при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ од Скопје не најдоа за сходно до денешен ден да се произнесат со сопствено мислење за претстојната „барокизација“ на најстарата високообразовна установа во земјава.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk