Претходна статија
Догодина над 200 милиони евра за патната инфраструктура
Следна статија
200 илјади евра за уредување на излетнички места

Пругата од Битола кон грчката граница ќе се заврши во предвидениот рок

Објавено на 04.11.2015 во категорија Вести.
Facebooktwitterlinkedin

Министерот за транспорт и врски Владо Мисајловски при денешната посета на битолското село Новаци истакна дека железничката пруга од Битола до Кременица интензивно се реконструира. Според неговите зборови, реконструктивниот зафат треба да се комплетира навреме, поради тоа што на самата траса се работело ефективно. Во изминативе девет месеци, изведувачот ја отстрани досегашната нефункционална пруга во должина од 17 километри, но започна и со рехабилитација на дел од мостовите и реализира дел од земјените работи за изведба на долниот строј од новата едноколосечна пруга. Инфраструктурниот проект вреден 19,9 милиони евра треба да се комплетира најдоцна до 30 јули 2016 година.

 

 

 

Како изведувач на работите, бугарско – македонскиот конзорциум предводен од „Водстрој 98“ треба да најпрво да го изведе долниот строј од пругата, по што би следувало поставување на новите прагови и шини. Долж целата траса, треба да се санираат девет помали мостови и едно стојалиште кај селото Кравари, но и да се изведат 10 железнички премини. На пругата од Битола кон границата со Грција ќе се постави нова сигнална и телекомуникациска опрема, додека максималната брзина на движење на возовите ќе се искачи на 100 километри на час. Во наредните осум месеци треба да се изгради и железнички крак кон индустриската зона „Жабени“, заедно со товарна станица на оваа локација.

 

Кон крајот на минатата година, Европската унија го избра изведувачот на градежните работи на оваа железничка делница од Коридорот 10д. Реконструкцијата на пругата започна на 30 јануари. Со нејзината изведба до Кременица, се отвора можноста веднаш да се пушти во употреба железничка линија кон Лерин и Солун, од причина што Грчките државни железници целосно ја имаат рехабилитирано пругата од нивна страна.

 

 

Бојан Блажевски

bojan.blazevski@build.com.mk