Министерството за транспорт и врски продаде уште една градежна парцела на територијата на скопската општина Центар. Неизграденото земјиште, на кое се наоѓаат фудбалските игралишта за тренинг на ФК „Вардар“ во Градскиот парк, е отуѓено по цена од 2.420 денари за метар квадратен, односно вкупно 34.122.000 денари (околу 550 илјади евра) за 14.100 метри квадратни. Со Деталниот урбанистики план на оваа локација е зацртано да се гради објект за спорт и рекреација со приземје и кат. Инвеститорот ќе бидат познат по уплаќањето на парите, по што ќе се склучи и купопродажниот договор меѓу двете страни.
Инвеститорот е должен во рок од 12 месеци да обезбеди одобрение за градење од општина Центар, а објектот мора да биде завршен во период не подолг од 10 години од денот на издавање на градежната дозвола. Покрај ова атрактивно земјиште, Министерството за транспорт и врски во моментов продава уште градежна парцела за зграда во барокен или класицистички стил што ќе се гради кај спортскиот центар „Кале“.
Општина Центар во февруари 2014 година поднесе барање до Министерството за транспорт и врски за располагање со државното земјиште на нејзината територија, но до денешен ден не може да го оствари ова право на локалните самоуправи.
Бојан Блажевски