По четири години одложувања на реализацијата на проектот, конечно се потпиша договорот за изградба на планираниот културно – образовен центар во Тетово [»мапа], во чии рамки ќе се сместат театарот и градската библиотека. Културната установа „Иљо Антески – Смок“ вчера го потпиша договорот за изведба на севкупните градежни и градежно – занаетчиски работи на зданието што ќе се простира на 15.000 метри квадратни во центарот на градот. Тетовската компанија „Урбан План Конструкти“ ќе треба да го реализира градителскиот проект за 819.504.100 денари или околу 13,3 милиони евра. Новата зграда на театарот и библиотеката е предвидено да се заврши до 31 декември 2017 година.
Со изведбата на објектот по принципот „клуч на рака“, Тетово ќе добие културно – образовен центар со голема и мала театарска сала, простор за библиотечен фонд, кино сала, простории за училиште за странски јазици и за комерцијални дејности, отворен амфитеатар и подземен паркинг со капацитет од 221 возило. Во внатрешните простории ќе се постави најсовремена опрема за изведување на театарски претстави, а сценската опрема и модерните проекциони системи ќе бидат соодветни и за одржување на други културни настани.
Автори на комплетниот Основен проект за културно – образовниот центар се архитектите Бесиан Мехмети, Бетим Зеќири и Бекир Адеми од „Архинг Груп“, според Идејното решение кое исто така е дело на „Архинг Груп“. Ревизијата на проектната документација ја изврши Градежниот институт „Македонија“.
Бојан Блажевски