Македонските архитекти ќе можат да ги понудат своите решенија за изгледот на огромниот парк со површина од над 25 хектари што ќе се гради во општина Аеродром. Локалната власт денеска го објави Конкурсот за избор на идејно решение за проектот што ќе се реализира кај Куќата на фудбалот, во непосредна близина на кејот на Вардар. Како критериуми за избор на победничкиот архитектонски труд се наведени креативностa и инвентивностa на понуденото идејно решение, оригиналност, репрезентативност, современ третман на објектот, економичност и задоволување на меѓународните прописи и нормативи. Архитектонските бироа треба да ги достават своите трудови најдоцна до 11 март.
Од општина Аеродром наведуваат дека уникатноста на планираниот парк ќе биде во присуството на животни кои слободно ќе се шетаат во рамките на уредената површина, а во просторот засега е предвидено да се најдат мајмуни, срни, елени, пони коњчиња, желки, фазани, зајаци, птици, диви кози, верверички, водена флора и фауна. Егзотичниот зелен парк ќе биде хортикултурно уреден со висока и ниска вегетација и во рамките на истиот ќе се изведат пешачки патеки, ресторан, детски катчиња со игралишта, тениски игралишта, лизгалиште, терен за голф и неколку езерца. Проценките се дека проектот би можел да се спроведе на дело во 2014 година, а висината на финансиските средства за реализација на паркот засега не се соопштуваат.