Претходна статија
Фасадата е огледало на душата на секое здание
Следна статија
Реконструкција на ул. Димитар Влахов

Монтер за сува градба, професија со убава иднина

Објавено на 08.05.2012 во категорија Блог.
Facebooktwitterlinkedin

#Со проширувањето на современите техники за градба и на македонско тло, логички се наметна и потребата за образување на кадри кои ќе го следат современиот развиток на градежништвото во глобални рамки. Изградбата на нови објекти и реконструкцијата на постоечките зданија изискува стручно и квалитетно извршување на градежните работи. Таков е случајот со монтерите на сувата градба, професија која обезбедува можност за речиси сигурно вработување веднаш по завршување на образованието, во профитабилен сектор, кој овозможува ретка прилика за основање на сопствен бизнис со мал почетен капитал. Образовниот процес во средните стручни училишта пружа оспособување за работни задачи преку практична настава, за што несебичен придонес дава и компанијата Кнауф со изнаоѓање на објекти каде сите работи што се научиле можат да се пробаат.

 

#Статистичките бројки кои покажуваат над 30% невработеност кај македонските граѓани и редиците од високообразувани лица пред Заводот за вработување се реалност за која треба да размислува секој млад човек уште од најрани години. Можноста за брзо вработување е сонот на секоја индивидуа во денешно време. Изведувањето на сува градба е сектор во градежништвото во кој се јавува недостиг на квалификувана работна сила поради континуираното зголемување на примената на системите за сува градба (познатите Кнауф гипсени плочи). Благодарејќи на ваквата состојба, монтерите за сува градба обично наоѓаат работа веднаш по завршувањето на средното стручно училиште. Во просек, годишно во Македонија се вртат околу 4 милиони евра кои се трошат за работна рака, и тоа исклучиво за изведување на гипсените ѕидови и тавани! Загарантираната добивка од работењето може да се согледа и преку податокот кој покажува дека монтерите за сува градба земаат и до 3 евра од метар квадратен завршена површина.

 

#Како вистинска реткост за Македонија, средните училишта кои ја нудат насоката монтери за сува градба, со самото започнување на наставата овозможуваат практична работа, надополнета со теорија и општо образование. Модерниот образовен процес е организиран според германска и австриска наставна програма. Кнауф како општествено одговорна компанија активно соработува со средните школи преку пренесување на своето искуство во организирање на наставата, обучување на професорскиот кадар, опремување на работилниците за практична настава и донирање на нагледни средства, учебни помагала, материјал и алат за работа. На тој начин, идните монтери имаат беспрекорни услови при следењето на едукативниот процес.

 

Крсто Николов и Раде Стојилов, ученици од СОУ „Никола Карев“ од Струмица, кои оваа година ќе одат во Латвија на европскиот натпревар за најдобри млади монтери за сува градбаЗа мотивирање на учениците при нивното школување, компанијата Кнауф се одлучи да организира натпревари на меѓународно ниво помеѓу средните училишта во кои се образуваат монтери за сува градба, на кои секоја година учествува и тим од Македонија. Овогодинешната манифестација позната како Knauf Junior Trophy ќе се одржи во Латвија, а на неа ќе се натпреварува тим од најдобрите ученици во генерацијата од средното училиште „Никола Карев“ од Струмица кои победија на републичките квалификациски натпревари. Покрај презентирањето на знаења и практични умеења од областа на сувата градба и можноста да се разменат искуства во работата, на најдобрите ученици им се доделуваат награди за својата умешност. Да не заборавиме на бесплатната прошетка низ европските метрополи и стекнувањето на нови пријателства, кои се стремеж за секој тинејџер и реална можност доколку се запише на насоката монтер за сува градба.

 

#Покрај сигурната работа и солидната плата, професијата монтер за сува градба овозможува чиста работна средина, бидејќи зададените задачи се извршуваат без употреба на вода. Гипсот, како природен и безопасен материјал по човековото здравје, на идните монтери им гарантира здрава животна средина. За разлика од другите сектори во градежништвото, сувата градба не е зависна од годишни времиња. Може да се работи во било кој период од годината, а тоа значи обезбедување на стабилна заработувачка во текот на целата година. Градежните активности најчесто се изведуваат во внатрешноста на објектот, што подразбира пријатна атмосфера при извршување на истите. Различните потреби при изведбата на секој објект, на монтерот за сува градба му овозможуваат креативност и комфор во работата. Сите овие позитивни карактеристики, на професијата и овозможуваат висок углед кај останатите градежници.

 

Националната арена Филип II МакедонскиКако што минуваат годините, можеби најважната предност на монтерите за сува градба се делата што ги оставаат зад себе. Системите за сува градба во Македонија се вградени во огромен број на репрезентативни објекти кои се општопознати за целата јавност. Националната спортска Арена „Филип II Македонски“, деловно – трговскиот центар „Соравија“, резиденцијалниот комплекс „Соравија ресорт“, хотелите „Александар Палас“ и „Холидеј Ин“, „Метрополис Арената“ на Скопски саем се само мал дел од зданијата во кои својот труд го вложиле монтерите на сува градба. Бесценето е чувството кај човекот кога по десетина години ќе помине покрај препознатлив објект и со гордост ќе може да им раскаже на своите деца и пријатели дека тој учествувал во изградбата на истиот.

 

Впрочем, успешните примери за самостојни индивидуи не е тешко да се најдат помеѓу монтерите за сува градба. Таков е случајот со 23 – годишниот Бојан Младеновски од Скопје, кој за разлика од другите тинејџери, се решил на 14 години да ги сруши предрасудите и да се запише во средно училиште кое ќе му обезбеди сигурна и убава иднина. Животниот пат што го одбрал му донел брз напредок на полето на работата. „После завршувањето на средното училиште работев две години во приватни градежни фирми, но решив да се осамостојам и да пробам да работам сам. Тоа и го направив и еве веќе две и пол години си имам своја фирма „Боки Гипс Дизајн“. Во претходните фирми научив и ѕидарство и сега со помош на електричар и молер можеме како фирма да преземеме многу работи при изградба и реновирање на куќи, станбени згради и канцеларии“, низ разговор ни раскажува Бојан.

 

Преку инвестирање на сопствени финансиски средства, во учебната 2003/04 година се отвори првата паралелка од областа на монтажа на сува градба во Македонија. Опцијата да се изучат тајните на преградните ѕидови, спуштените тавани, сувите подови, поткровјата, инсталационите шахти, градежната противпожарна заштита и надворешните ѕидови досега ја искористија неколку стотини ученици од неколку генерации кои завршија во стручните школи. Во претстојната учебна 2012/13 година ова тригодишно образование ќе се изучува во средното градежно училиште „Здравко Цветковски“ од Скопје. Во две паралелки, една на македонски и една албански наставен јазик, ќе се запишат вкупно 68 осмооделенци кои во иднина ќе постанат експерти кои најдобро се разбираат во различните системи на сува градба, ќе ги познаваат техничките карактеристики на материјалите и професионално ќе ги изведуваат системите за сува градба.

 

За сите заинтересирани ученици, важна информација што треба да се напомене е дека првото пријавување и запишување на ученици се врши во јунскиот уписен рок на 14 и 15 јуни 2012 година, вториот упис е на 27 и 28 јуни, а последна шанса за запишување на насоката монтери за сува градба младинците ќе ја имаат на 16 август 2012 година. И во наредниот период, германската компанија „Кнауф“ ќе им помага на генерациите кои се запишуваат на насоката монтери за сува градба преку понатамошно вложување во унапредување на наставата, соработка со инструктори на компанијата, практични посети на објекти и стручна обука во рудникот на Кнауф во Дебар.