Министерот за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на општина Ѓорче Петров денеска го потпишаа Договорот за реконструкција и изградба на улици во оваа скопска општина. Проектот „Реконструкција на стари и изградба на нови сервисни улици со сите потребни инсталации“ вклучува 16 постоечки и нови улици, подобрување на атмосферската канализациона мрежа и изградба и санација на тротоари. Вкупната вредност на предвидените градежни активности изнесува 80 милиони денари и истите се обезбедени по пат на кредит. Во целокупниот проект на државно ниво ќе бидат вклучени 20 општини и истиот подразбира значително подобрување на инфраструктурата во овие општини во однос на патната инфраструктура, енергетската ефикасност и водоводната мрежа. „Проектот е всушност дел од поголемиот проект за поддршка на општинските услуги кој го реализираме со финансиски средства од Светска банка и преку кој општините добиваат извонредно поволни финансиски средства за реализација на инфраструктурни проекти што се од значење за нивниот развој“, истакна министерот Ставрески.
Бојан Блажевски